Формирање на општинска работна група во рамки на програмата РОМАКТЕД од Советот на Европа
Советот на Европа ја спроведува Програмата ROMACTED „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ во Западен Балкан и Турција. Програмата е финансирана од Европската Унија (DG NEAR) и Советот на Европа и се имплементира во блиска соработка со 12 општини, ромски заедници вклучувајќи го и Министерството за Труд и Социјална Политика (МТСП).

Општина Штип е потписник на Меморандумот за Разбирање заедно со МТСП и Советот на Европа, со што е воспоставена рамка за соработка во поглед на спроведување на Програмата и подршка во нејзината реализација.

Затоа денеска ќе се одржи состанок за формирање на општинската работна група. Состанокот ќе се одржи на 22 мај 2018 г. (вторник) во 12:00 часот во сала 2 на Општина Штип. Целта на овој состанок е формирање на Општинската Работна Група и запознавање со нивната улога и функција, која е составена од определени раководители на сектори/одделенија и вработени во општинската администрација и ќе има презентација на програмата и  4 чекори на методологијата како и временската рамка на програмата РОМАКТЕД.

Увид во реконструкцијата на тротоар на Булевар „ЈНА“
Вчера градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, изврши увид во реконструкцијата на тротоарот на Булевар „ЈНА“.

Тротоарите во оваа населба со децении не се одржуваа, а тоа предизвикува проблем во движењето на пешаците во оваа населба. Тој пропуст се исправа и сега оваа населба се разубавува со тоа што се вложува во нејзината инфраструктура. Освен што во овој дел населбата ќе добие поубав лик, исто така и значително ќе се подобри квалитетот на секојдневието на жителите на оваа населба.

„Покрај реконструкцијата, работиме на решавање на уште еден инфраструктурен проблем, бидејќи работиме одговорно и сакаме кога веќе работиме во оваа населба да сработиме сѐ што е во овој потег. Во овој момент се работи на атмосферска канализација, бидејќи граѓаните овде знаат дека при помали врнежи со дожд, нивните подруми се полнеа со вода поради оштетената и нефункционална атмосферска канализација. Целата инвестиција е околу 1.750.000 денари, а изведувач на работите е ЈП „Стипион 2011“. Продолжуваме понатаму со изградба на нова, квалитетна инфраструктура за нашите граѓани,“ посочи градоначалникот Бочварски.

 

Реконструкцијата на тротоарот се изведува со бехатон и рабници на тротоар којшто е со должина од 320 метри, а ширина од 3 метри. Целата реконструирана површина ќе изнесува околу 960 метри квадратни, односно овој тротоар ќе биде реконструиран во целост, од градскиот стадион, па сѐ до градинката. Реконструкцијата на овој тротоар ќе чини околу 1.750.000 денари. Истовремено со реконструкцијата се изведува и атмосферска канализација.

Новата локална власт вложува во инфраструктурата и во подобрување на квалитетот на секојдневното живеење на граѓаните на Штип. Како пропратна активност во населбата Осми Ноември е и обновувањето на парковите површини во паркот, со што ќе се додадат нови содржини, а постоечките ќе бидат освежени. Сѐ во корист на граѓаните.

Патронат на ООУ „Ванчо Прќе“
Вчера ООУ „Ванчо Прќе“ го одбележа својот патронен празник со пригодна програма којашто започна во 10:00 часот во дворот на училиштето.

Патронат на ООУ „Тошо Арсов“
Вчера ООУ „Тошо Арсов“ го одбележа својот патронен празик. Во текот на целиот ден во училишната сала на ова училиште се одржуваа спортски натпревари, а попладне, со почеток во 18:30 часот се одржа културно-уметничка програма во училишниот хол.

Седница на Комисија за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина

Денеска, 22.05.2018 г., ќе се одржи деветтата седница на Комисијата за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина со почеток во 10:00 часот во сала 2 на Совет на Општина Штип.

Седница на Комисија за статут и прописи
Денеска, 22.05.2018 г., ќе се одржи осма седница на Комисија за статут и прописи при Совет на Општина Штип со почеток во 11:30 часот во сала 2 на Совет на Општина Штип.

Дневни активности на јавни претпријатија
Денеска ЈП „Стипион 2011“ ќе работи на:

  • Реконструкција на тротоар на Бул. „ЈНА“ и изградба на атмосферска канализација
  • Изградба на скали во ООУ „Славејко Арсов“
  • Поставување ограда на игралиштето во населба Пребег
  • Обележување хоризонтална патна сигнализација во централното подрачје

Работната единица Водовод и канализација при ЈП „Исар“ ќе работи на санирање на дефект на водоводна линија на улица „Кружевска Република“, „Воденска“ и на Радански пат, ќе се санираат површини после санирани дефекти на улица „Ванчо Прќе“, а исто така и ќе се поставува канализациона линија во населба Суитлак.

РЕ Паркови и зеленило при ЈП „Исар“ ќе ги коси зелените површини околу градски гробишта, во Чардаклија, во коритото на река Отиња, покрај Булевар „Партизанска“, кај детска градинка „Астибо“, во паркот во населба Дузлак.