На 20 локации во Струмица, како и во сите училишта во градот се поставуваат 60 контејнери за селекција на отпад.
Струмичкото комунално претпријатие ЈПКД „Комуналец“ соопшти дека контејнерите се само за одреден тип на отпад, со тоа што сините се за хартија, а жолтите за пет пластика. Во исто време, им се соопштува на граѓаните дека депонирањето на друг вид отпад во нив е строго забрането и ќе биде санкционирано од страна на инспекциските служби.
-Според законот за управување со отпад ЈПКД „Комуналец“, како фирма која управува со собирањето на отпад, е должна на граѓаните да им овозможи канти во кои согласно истиот закон се должни да вршат примарна селекција на отпад. Под примарна селекција на отпад се подразбира дека секое домаќинство мора одделно во различни канти да става хартија, пет пластиката и останат смет, соопштува „Комуналец“.
Докмаќинствата покрај стандардната канта за отпад ќе имаат и уште една канта за примарна селекција за отпад.
Овие 60 нови контејнери се набавени преку Министерството за животна средина и просторно планирање со капацитет од еден метар кубен.