Со нова пешачка патека ќе се поврзуваат штипските приградски населби Балканска и Чардаклија. Како што истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, активностите за изградба на патеката веќе се започнати а истата ќе се работи во две фази.
Во наредниот месец се очекува да завршат градежните активности, патеката да биде поплочена со павер елементи, но и целосно осветлена.
- Потребата ја нотиравме од овдешните жители кои транзитираат на овој потег. Првата фаза предвидува поплочување со павер елементи, уредување на соодветна пешачка патека, а втората фаза и целосно осветлување. Овој потег е доста небезбеден, но и користен од жителите од овој дел од градот, вели Јорданов.
Тој најави дека ќе се работи и на локалниот пат од населба Баби до Караорман.
- Освен овој влез на градот од следната недела ќе се започне и со рехабилитација на патниот правец од населба Баби до населба Караорман, кој е доста амортизиран, оштетен. Исто така и овој потег ќе се уредува, ќе се асфалтира, ќе се уредува со тротоарска површина, нешто што граѓаните го заслужуваат, изјави Јорданов.
За потегот од Балканска до Чардаклија, Општина Штип издвои нешто помалку од два милиони денари.