Почнаа градежните работи на Камениот мост во центарот на Штип, со што ќе се овозможи двонасочен сообраќај, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот Иван Јорданов. Тој нагласи дека веќе се работи на подобрување на статиката на мостот, со цел да може да го издржи двонасочниот сообраќај.

  • Во наредните неколку денови, до почетокот на новата учебна година ќе се изврши реконструкција на Камениот мост во централното градско подрачје, подобрување на статиката, со цел воведување на двонасочно движење на возилата на овој мост, вели Јорданов.

Посочува дека со воведување на двонасочно движење на возилата ќе се овозможи на жителите од неколкуте населби во централното градско подрачје, да не кружат околу коритото на реката  Отиња. Јорданов изјави дека во консултација на сообраќајни инжињери оваа одлука е донесена и е со цел да не се создава хаос во сообраќајот пред основното училиште „Ванчо Прќе“, кое по бројот на ученици е и најголемо училиште во општината.

  • Дополнително веднаш до овој мост, во следните денови ќе се постави пешачки мост на платформите коишто се на реката Отиња и ќе биде наменет за пешаците, учениците кои минуваат од едниот до другиот крај на река Отиња, изјави Јорданов.

Градежните активности на Камениот мост на река Отиња се очекува да завршат за неколку денови, со цел на самиот старт на учебната и академската  година да не се создаде поголем сообраќаен метеж во централното градско подрачје.