Јавното претпријатие (ЈП) „Стипион“ од септември воведува две нови автобуски линии за жителите на општините Штип и Карбинци. Директорот на претпријатието, Панче Стефановски вели дека со новите линии се воведува и четврта зона која ја опфаќа новата линија од Трговскиот центар до селата Лакавица, Софилари, Пенуш, Драгоево, Селце, достапна за учениците но и сите останати граѓани.

Втората линија која се воведува е во правец кон Општина Карбинци, односно кон селата  Караорман и Долни Балван. Целта е граѓаните од сите населени места да може да го користат градскиот превоз и побрзо и поевтино да пристигнат до саканата локација.

  • Уште со почетокот на функционирање на градскиот превоз кон граѓаните се обврзавме дека главен фокус има развојот на оваа дејност како и постојаното подобрување на оваа дејност. Со започнување на учебната година во функција ќе бидат ставени две нови линии, едната е на територија на Општина Штип која ќе оди до Лакавица и Селце, а втората до Долни Балван и Караорман, вели Стефановски.

Термините на новите линии ќе бидат прилагодени на учениците однонсо на нивното тргнување и враќање од училиште, но автобускиот  превозот може да го користат и сите останати граѓани. Граѓаните можат да ги користат дневните, месечните и годишните билети, а сите термини и цени ќе бидат соодветно и навремено објавени за граѓаните, информираат од ЈП Стипион.