Со желба за модернизација и осовременување на условите за работа, како и за повеќе едукации и вежби а што помалку интервенции, денес градоначалникот на Штип, Иван Јорданов им го честиташе денот на македонските пожарникари на пожарникарите од ТППЕ Штип.
Секогаш на висина на задачата, Јорданов ги поздрави штипските пожарникари и изрази надеж дека во периодот што следи, особено со промената на власта во државата конечно ќе се надминат повеќегодишните проблеми со кои Општина Штип се соочува во однос на обезбедувањето плата за работно ангажираните во ТППЕ Штип.
- Се надевам и убеден сум дека со новата Влада ќе биде исправена една неправда која во минатото се спроведуваше кон ТППЕ Штип, затоа што од Министерствата за одбрана и финансии беа трансферирани недоволен износ на финансиски блок дотации кон Општина Штип за исплата на плати и обврски кон ТППЕ. Целата обврска досега ја сервисираше локалната самоуправа, кратејќи од другите ставки од останатиот буџет наменет за развој на градот, недозволувајќи да бидат доведени во прашање обврските кои ги имаме по однос на функционирањето на ТППЕ , истакна Јорданов.
Потенцираше дека се надева да во наредниот период се овозможи доволен износ на дотации со кои не само што ќе се обезбедат плати за пожарникарите туку и ќе се овозможи обновување на возниот парк и опремата со кои располага ТППЕ Штип, како секогаш на најсоодветно би се одговорило на потребите на граѓаните.
ТППЕ Штип во моментов располага со 32 обучени професионални пожарникари, подготвени да интервенираат при било каква потреба. Од таму велат дека за разлика од периодот од јануари до мај, минатата година, годинава значително е намален бројот на интервенции во урбана средина на отворен простор, но за сметка на тоа зголемен е бројот на технички интервенции по станбените објекти, како и на интервенциите при сообраќајни незгоди.
Пожарникарите од ТППЕ Штип, претходно во чест на денот на македонските пожарникари, со своите противпожарни возила продефилираа низ штипските улици.