Иако со месеци наназад градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов најавуваше дека на референдум штипјани ќе гласаат дали се согласни за парите од самопридинесот да бидат искористени за обнова на застарената водоводна мрежа, сепак референдум нема да има.
Истиот требаше да се организира заедно со претстојните претседателски и парламентарни избори, но како што истакна Јорданов согласно законот референдумот треба да се спроведе во недела а изборите и едните и другите се закажани за во среда.
Тоа според градоначалникот е единствената причина зошто општината се откажа од распишување референдум, но затоа нуди ново решение на проблемот со водоснабдувањето во градот.
- Како што биле собрани наменски тие средства, коишто се замрзнати наменски можат да се искористат за изградба на резервоари без распишување на референдум, со што ќе се подобри состојбата со водоснабдувањето на град Штип, вели Јорданов.
Изградбата на новите резервоари за високите зони, ќе го реши проблемот со водата за пиење особено во населбите кои се во повисоките делови на градот. Јорданов посочува дека постапката за искористуваање на парите од самопридонесот ќе започне веднаш по завршувањето на изборите. Дополнително околу четири до пет милиони евра ќе бидат неопходни за замена на старите азбестни цевки. Јорданов најави дека овие пари, општината ќе ги бара од европските фондови.
- Веруваме дека би можеле да аплицираме во Европска инвестициона банка и од другите извори на финансирање би можеле да дообезбедиме финансии за реконструкции на застарената водоводна линија која е проблем за водоснабдувањето, изјави Јорданов.
Инаку парите од самопридонесот, кои ги имаат собрано штипјани се во висина од околу еден милион евра и досега во два наврати имаше неуспешни референдуми во обид за искористување на овие средства.