Осум деца со попречености кои во училишната 2023/24 година го започнаа својот образовен процес, годинава ќе добијат стипендии од општината.
Според зборовите на Вишна Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип, на повикот пристигнале неколку апликации, а стипендирани се сите оние кои ги исполниле бараните услови и кои веќе денес ќе ја имаат првата исплата.
- Веќе се прават првите исплати кои што се во квартален износ од 6000 денари и стипендиите ќе важат во периодот од септември до јуни, односно во учебната 2023/24 година, потенцираше Шорова-Ангелова.
Таа додаде дека проектот е со цел да се поддржат родителите на овие ученици за навреме и редовно да можат да ги набавуваат неопходните суплементи за нивен правилен раст и развој.
Околу половина милион денари во Буџетот за оваа година, има издвоено Општина Штип за реализација на овој проект, со тенденција истиот да продолжи и во наредните години, нагласи Шорова-Ангелова.