Вкупно 2200 ученици од општинските основни училишта ќе добијат бесплатни униформи, благодарение на проектот кој го реализира општината. Според зборовите на Вишна Шорова Ангелова, секретар на Општина Штип се очекува проектот својата финална реализација да ја има во текот на наредната недела кога учениците од прво до петто одделение ќе ги добијат своите униформи.
- Униформите се комплети кои се составени од маичка на кратки ракави и трансформирачки дуксер, соодветен да се носи во текот на три годишни времиња. Истите учениците можат да ги очекуваат во периодот од 29 јануари до 02 февруари, рече Шорова-Ангелова, нагласувајќи дека станува збор за униформи од висококвалитетни материјали, а дизајнот на истите е направен од страна на професор од Технолошко-техничкиот факултет при УГД.
Според зборовите на Шорова-Ангелова целта на овој проект е да се намали сегрегацијата меѓу учениците и да се обезбеди еднаков пристап за сите ученици во образовниот процес.
Околу 4,5 милиони денари е вкупната вредност на проектот, средства кои се целосно обезбедени од буџетот на општината, вели Шорова-Ангелова, додавајќи дека финансиските можности на Општина Штип во моментов се единствената причина зошто вакви униформи не се обезбедени и за учениците од погорните одделенија, но како што вели планирано е во текот на наредниот период проектот да се прошири и униформи да добијат и овие ученици.