Пожарникарите од штипската Територијална противпожарна единица (ТППЕ) седум пати интервенирале поради запалени оџаци за само една недела. Командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев вели дека ако се земе предвид дека две интервенции биле викендов, може да се каже оти во просек секој ден се гаснел по еден ваков пожар.
-Овој период за разлика од минатите години имаме намален интензитет на запалени оџаци, сепак имаме такви интервенции. Во последниот период, еве, за една недела имавме околу седум запалени оџаци. Викендов имавме околу четири интервенции, две технички и два запалени оџака, вели Коцев.
Тој додава дека запалените оџаци се честа појава во текот на грејната сезона и претставуваат опасност за поголеми пожари.
-Освен оџаците, овој период имаме и запалени возила, сѐ уште има запалена сува трева на некои места, но, секако, овој период се најзабележителни пожарите на оџаци, нагласува Коцев.
Истовремено тој упати апел до домаќинствата кои се греат на огревно дрво, посочувајќи дека граѓаните годинава, очигледно, се со повисока свест, зашто бројката на вакви интервенции е значително намалена.
-Како и секоја година, така и оваа година даваме апел до сите – редовно да ги чистат оџаците, еднаш до двапати барем годишно. Да внимаваат што ќе стават, да не ставаат кесиња, пластики, бидејќи од кесињата и пластиките се создава таа смола, од која потоа доаѓа до запалување на оџаците, додаде Коцев.