До крајот на овој месец коритото на река Отиња во централното градско подрачје во Штип ќе добие ново осветлување. Денес започна поставувањето на нови, повеќе од 170 канделабри кои ќе го осветлат кејот на реката Отиња, чија динамика на поставување, според зборовите на градоначалникот на општината Иван Јорданов ќе зависи од временските услови.
На овој начин, како што вели тој централното градско подрачје во Штип ќе добие модерен и современ изглед. Јорданов нагласи и дека проектот е по барање на граѓаните и во насока на реализирање на нивните потреби.
Поставувањето на новите канделабри е проект кој Општина Штип го реализира заедно со УНДП, а целосната инвестиција е во вкупна вредност од шест милиони денари.
По осветлувањето на кејот на река Отиња, Јорданов најавува и уредување на коритото со нови садници, како и поставување на урбана опрема.