Во текот на изминатите неколку дена започнаа градежните активности за реконструкција на спортските терени во основното училиште “Димитар Влахов”, а како што најави директорката на училиштето Невенка Величкова во наредниот период ќе следува и поставување на урбана опрема на истите за одвивање на спортско-рекреативни активности.
- Ќе бидат реконструирани четири спортски терени, од кои два со гумен гранулат односно тартан, а останатите два со вештачка трева. Ќе бидат поставени и детски реквизити со две платформи за наставни и воннаставни активности во училиштето, рече директорката Величкова.
Целиот проект е финансиран од буџетот на општината, од програмата за образование и како што вели градоначалникот Иван Јорданов кој вчера изврши увид на градежните активности на терен, истиот се очекува да биде финализиран до крајот на оваа година.
- Ова е една од активностите кои ги превземаме за подобрување на состојбите на спортската инфраструктура на територија на Општина Штип и се надевам дека истите ќе допринесат за што поголем број деца да рекреираат, да спортуваат и да се насочат на здрав начин на живот, истакна градоначалникот Јорданов.
Повеќе од три милиони денари ќе бидат потрошени за модернизирање и реконструкција на спортските терени во основното училиште “Димитар Влахов”.