По јавната расправа за граѓаните од 6 ноември и расправата во Советот на Општината, градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов објави дека донел одлука на носењето на Генералниот урбанистички план да му се даде уште поголема јавност и достапност до граѓаните и стручната фела. ГУП-от повторно се враќа во Советот, каде како што рече Костадинов, ќе се бара советниците еден по еден да се изјаснат дали Струмица треба да има тешка индустрија или дуплирање на зелените површини. Градоначалникот објасни зошто го прави овој потег.
-Затоа што како Градоначалник нема да дозволам да се манипулира со граѓаните и да се политизира носењето на Генералниот урбанистички план на град Струмица, како најважен и стратешки урбанистички документ. Сите обиди на советниците од ВМРО ДПМНЕ за политизирање на развојот на Струмица паѓаат во вода, откако на виделина излегоа поедини лични интереси за заштита на објект од тешката индустрија, наспроти желбите на граѓаните за поголеми зелени површини во градот за чист воздух и заштита на здравјето на граѓаните. Една единствена фирма од тешката индустрија држи во заложништво неколку советници и ги манипулираат граѓаните. ВМРО ДПМНЕ е единствената опозиција во светот која во 21 век е против зелени површини, а за тешка индустрија, напиша Костадинов.
Општина Струмица по 21 година изготви Нацрт план за нов Генерален урбанистички план на град Струмица. Со овој документ е предвидено дуплирање на зелените површини од постоечките 40 на 84 хектари, нови сообраќајници, нови парцели за образовни институции и дислокација на последниот индустриски загадувач, рудникот „Огражден“ и голем ризик фактор за здравјето.
Претходно ГУП-от беше на јавна расправа, при што, граѓаните поднесоа над 200 анкетни листови.