Како што се доближува крајот на годината, традиционално почнуваат средбите на терен со граѓаните за нивните потреби при креирање на општинскиот буџет за 2024 година.
Од 7 ноември градоначалникот Костадин Костадинов со неговите соработници од општинската администрација и општинските јавни претпријатија од Вељуса, Водоча и Баница ги почнаа јавните собири. Неделава средбите продолжија со граѓаните на Сачево, Дабиле и Градско Балдовци.
Во меѓувреме, објавено е истражувањето на Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ преку Индексот за отворени општини. Според ова истражување, Струмица е меѓу најдобрите општини по отвореност на буџетските процеси.
-Транспарентен, отчетен, отворен и правичен е буџетот на нашата Струмица. Транспарентното работење беше мое предизборно ветување, реалност во досегашниот мандат и завет од кој никогаш нема да се откажам се додека им служам на моите струмичани и мојата Струмица, соопшти градоначалникот Костадинов.
Паралелно со средбите на терен, се одржува и буџетскиот форум, на кој граѓаните имаат можност да ги дадат своите предлози, но и да ги кажат своите потреби.
Вкупниот буџет на општина Струмица за 2023 година изнесува 1.642.012.000 денари, од кои основниот буџет е 805.098.000 денари, а 731.326.000 денари се блок дотации.