Станува збор за претставата „Ех, да можев…“ на тема меѓуврсничко насилство, која ќе ја гледаат учениците од 4 до 9 одделение од струмичките основни училишта. Претставата, која е проект на здружението „Проект среќа“ на Кристина Арнаудова Петровски, ќе биде изведена во Центарот за култура „Антон Панов“.
За таа цел Општина Струмица, претставувана од градоначалникот Костадин Костадинов и Арнаудова Петровски од здружението „Проект среќа“ потпишаа меморандум за соработка.
-Врсничкото насилство станува се поголем проблем и мораме отворено да зборуваме за тоа и да ги едуцираме децата преку разни форми. Потпишав Меморандум за соработка со Кристина Арнаудова Петровски, претседател на Здружението „Проект среќа“ кое ја подготви претставата „Ех да можев…“ на тема врснички булинг, а која ќе биде изведена во Струмица. Ова е прва ваква претстава во нашата земја во која играат деца кои биле или се жртви на булинг и е наменета за ученици од 4 до 9 одделение. Децата се нашата иднина, да им обезбедиме здрав и безгрижен раст и развој, напиша градоначалникот Костадинов.
Според Општина Струмица, соработката ќе вклучува заедничка работа во подобрување на едукацијата и влијанието врз децата и младите од основните и средните училишта на теми филантропија, општествена одговорност, емпатија, донирање, прифаќање на различностите, спречување на врснички булинг, еднаков пристап до образование, и социјализација на децата и младите во социјален ризик, како и заедничко влијание кога на одредена личност или семејство им е потребна помош и поддршка.
Претставата „Ех, да можев…“ е создадена од реални случки на булинг и ја играат деца кои биле или се жртви на булинг. Ова е прва ваква претстава во нашата земја, која реално ги опишува состојбите и чувствата на децата, кои и самите тоа го доживуваат.