Со доделување благодарници и плакети на претставници од најзначајните јавни институции во градот, но и со нагласување на своите потреби, слепите и лицата со оштетен вид го одбележаа 15ти октомври, меѓународниот ден на белиот стап.
Претседателот на Здружението на слепи лица на град Штип , Драги Витанов истакна дека во последните десетина години значително е олеснет животот на овие лица, но дека сеуште има многу на што да се работи.
- Со директорот на ЈП Стипион постигнавме договор за нашите членови само со приложување на членска книшка, можат бесплатно да го користат јавниот превоз, а се постигна согласност и за продолжување на имплементацијата на проектот со кој и во иднина ќе се врши дислокација на вертикалната сообраќајна сигнализација од тротоарските површини за полесно движење на слепите лица, рече Витанов.
Витанов изрази благодарност до градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов како и до општината за досегашната плодна соработка, врачувајќи му плакета на Јорданов и изразувајќи надеж за продолжување на соработката.
Од страна на градоначалникот Јорданов пак, како и минатата година така и оваа по повод денот на белиот стап, 15 октомври, Здружението на слепи лица на град Штип се здоби со ваучер во вредност од 15000 денари, но и со ветување за подобрување на градската инфраструктура во наредниот период.
- Разговаравме неколку пати до сега, се трудиме во рамките на нашите расположливи капацитети да ја прилагодиме инфраструктурата на вашите потреби имајќи во предвид дека вие имате потреба од секојдневно движење на јавните површини, на тротоарите кои морам да истакнам дека сеуште не се во целост приспособени за да непречено се движат лицата со попреченост и во таа насока секојдневно се преземаат активности, рече градоначалникот Јорданов обраќајќи им се на присутните членови во Здружението на слепи.
Градоначалникот на Штип додаде дека соработката на општината со Здружението продолжува и во иднина, со цел подобрување на квалитетот на живот и олеснување на животот на слепите и лицата со оштетен вид во градот.