„Соработката на Локалната Самоуправа со Народниот правобранител и придобивките од децентрализацијата на граѓаните“, беше темата на која денес во Штип се обратија народниот правобранител Насер Зибери, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов .
Кога станува збор за претставките од страна на граѓаните, Зибери истакна дека соработката со одредни општини е солидна.
- Ова ќе биде проект, којшто ќе ги прошири активностите и во останатите општини. Првата како што реков е во Штип. Длабоко сум убеден дека Штип како еден регионален центар кон кој гравитираат голем број на населени места и институции кои функционираат во рамките на Општина Штип и општините околу него имаат што да кажат, да ги изнесат своите проблеми, но и ние да ги презентираме нашите проблеми, преку претставките кои доаѓаат во канцеларијата на Народниот правобранител во Штип, вели Зибери.
Тој посочи дека еден период канцеларијата на Народниот правобранител во Штип не е комплентирана кадровски, но во изминатите месеци почнала да работи со една поголема динамика и да се зголемува бројот на претставки од сите области, кои се во надлежност на Народниот правобранител. Зибери е убеден дека низ дискусијата на денешната работолница ќе излезат интересни детали околу проблемите, но и сугестии, идеи за решавање на проблемите.
- Поголем број на претставките доаѓаат од општините од град Скопје, но тука не изостануваат други општини Охрид, Битола, Штип, а областите се од различен домен. Одредени општини имаат свои карактеристики, како што беше истакнато во Општина Штип и Битола, како најкарактеристично ги издвоивме појавите на дискриминација во одредени училишта со ромската популација, нагласи Зибери.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, истакна дека ваквата соработка е добра за општините.
- За нас искуствата на Народниот правобранител се од особена корист, затоа што е институција која директно соработува со граѓаните и ги прима нивните забелешки на нашите системски или функционални грешки што евентуално се прават во работењето и оттука и оваа работилница и извештајот се добредојдени во креирањето и реформирањето на системот на локална самоуправа кој претстои, вели Пенов.
Работилницата е во организација на канцеларијата на Народниот правобранител и е дел од ИПА проектот „Владеење на правото“. На темите зборуваа и градоначалниците на Општините Свети Николе, Дејан Владев и на Пробиштип, Драган Анастасов. За работата на Народниот правобранител, на локално ниво говореше заменик-народниот правобранител Јован Андоновски, а во дискусијата се вклучија и претставници на невладиниот сектор.