Новоформираниот Локален младински совет на Струмица ја имаше првата средба со градоначалникот Костадин Костадинов, на која се зборуваше за функционирањето и целите на Советот, како и за актуелните младински прашања и предизвици и нивните решенија.
Покрај формирањето на Локалниот младински совет, изработена е и од Советот усвоена Локална стратегија за млади 2023-2027, Младинскиот центар во општинската зграда е во завршна фаза, обезбедена е финансиска поддршка за младинските бизнис иницијативи, а Општината има и официјален службеник за млади.
Градоначалникот Костадинов рече дека Струмица е град на младите, а очекува до октомври Локалниот младински совет да понуди свои предлози кои ќе бидат финансирани од општинскиот буџет за 2024 година. Планирани се 2,5 милиони денари за младинската програма, што е прифатливо за младите.
-Само преку создавање можности креативноста на младиот човек да се претвори во дела, ќе го убедиме младиот човек да има поголема доверба во локалните институции и што е можно повеќе да доаѓаат и да ги кажуваат нивните забелешки, рече Костадинов.
Членовите на Локалниот младински Совет заедно со градоначалникот Костадинов го посетија Стационарот за бездомни кучиња „Лана“, со што ја реализираа и првата заедничка теренска активност.
Од Локалниот младински совет најавија кампањи за подигање на свеста кај младите за вдомување на бездомните кучиња.
-Покрај кампањи ќе работиме и на зголемување на интересот кај младите за волонтирање во Стационарот и на тој начин да помогнеме во работењето, рече Васил Поп Стојанов, кој најави дека младите имаат желба да се вклучат во кампањата за вдомување на кучињата во стационарот „Лана“, но и да придонесат за зголемување на видливоста на работ на стационарот.