Човечки фактор е причината за пожарот кој вчера во попладневните часови ја зафати градската депонија, “Трештена скала” во Штип, информираат од ЈП Исар, под чија надлежност е управувањето со истата.
Од таму велат дека поради недостаток на документирани докази, како и поради тоа што се работи за плански неуредена депонија, кривични постапки против осомничените не можат да бидат поднесени.
Директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков вели дека сепак во периодот на високи температури кој следи, ќе побараат да се забрани движењето на физички лица на потегот околу депонијата.
- Ќе се обратиме до општината, како би побарале за периодот кој следи, кога температурите се доста високи, да овој потег биде забранет за движење од страна на физички лица, се со цел да не дојде до ситуација, не само депонијата, туку и во нејзина близина настане пожар- изјави Зајков.
Тој додаде и дека на плус 40 степени многу често доаѓа до самозапалување на отпадот, па затоа и граѓаните и индустриските субјекти треба многу повеќе да внимаваат при селекцијата на отпадот.