Ако ви фали адреналин, посетете ја Струмица

„Памп трака“, велосипедски патеки, а сега и скејт парк. Првиот „Скејт парк“ во Струмица веќе е испробан од младите скејтери, кои добија нов адреналински простор за спорт и рекреација. Официјално е ставен во употреба просторот на кој се работеше изминатите месеци во големиот градски парк во близина на Домот на АРМ, на површина од 625 м².

„Доста ни беше најатрактивните содржини во градот да ни бидат казината. Сметам дека треба да свртиме нова страна, да има „памп трака“, која е готова, да има и велосипедска патека, која е готова, и вечерва овој „Скејт парк“, кажа на отворањето градоначалникот Костадин Костадинов.


Скејт паркот има седум спортски реквизити, кои се поставени на бетонска плоча. Костадинов најави дека наскоро почнува со реализација на уште еден адреналински проект, а тоа „даун хил“ патеката. Следно е реализирање на уште едно барање на младите, а тоа е затворен базен.

„Да им најавам дека за 15 дена во Струмица почнува изградбата на затворен базен“, соопшти градоначалникот Костадинов.

Изградбата на скејт паркот е целосно општинска инвестиција, за што од буџетот беа издвоени 6,2 милиони денари.