Кривична пријава за основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, доби денес поранешниот директор на ЈП Исар, Живко Тасев од страна на градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов.
Пријавата до Основното јавно обвинителство, следува после добиениот ревизиски извештај за работењето на Тасев како вршител на должноста во 2018 година, кога според тврдењето на градоначалникот Јорданов е направена и спорната набавка на Машина за метење на јавно – прометни површини.
Според зборовите на Јорданов, во време кога претпријатието било во долг од пет милиони евра, од сомнителна фирма единствен понудувач на тендерот е набавена метларка во вредност од 90 илјади евра, која до ден денес не е ставена во функција. Тој вели дека во неколку наврати и порано барале од МВР да го истражи случајот, но се досега не наишле на никаков интерес од таму.
- Денес лично ја поднесувам оваа кривична пријава директно до Основното јавно обвинителство и се надевам дека истата ќе биде разгледана и во најбрз можен рок по неа ќе се произнесат од обвинителството, рече градоначалникот Јорданов.
Спомената метларка е набавена по цена која е енормно повисока од реалната на пазарот, вели Јорданов додавајќи дека има сомнежи и докази и за извршено влијание при распишувањето на тендерот за набавка на спорната машина.
- Станува збор за иста техничка спецификација на компанијата која ја произведува оваа метларка со техничката спецификација по која е распишан тендерот, затоа најверојатно имало ограничувачки услови да ниту една друга фирма не се пријави на тендерот, нагласува Јорданов.
Некогашниот директор на ЈП Исар, Живко Тасев, против кого е поднесена кривичната пријава вели дека набавката на метачката, како и сите други набавки кои се вршат за потребите на ЈП Исар е согласно годишен план за јавни набавки усвоен од Управен одбор.
- Јавната набавка е спроведена и реализирана од комисија лиценцирана за спроведување тендерски постапки. Комисијата утврдила дека добавувачот ги исполнува сите критериуми од распишаниот тендер. Согласно горенаведеното добавувачот е избран и набавката е реализирана, реагира Тасев.
Со оглед на тоа што надлежните институции до сега не реагирале по допрен глас , Јорданов најавува дека самиот ќе ги достави потребните докази во обвинителството, а ова нема да биде единствен случај, ќе следуваат и други вакви пријави во наредниот период, врз основа на нерегуларностите во работењето на јавните претпријатија во изминатите години утврдени во ревизорскиот извештај доставен до локалната самоуправа.