За прв пат жителите на приградската населба Три Чешми ќе добијат градинка, или поконкретно дел од просториите во основното училиште Гоце Делчев, ќе се преадаптираат за згрижување на триесетина деца во претшколска возраст од оваа населба .
Како што вели градоначалникот Иван Јорданов, одлуката е донесена по претходно направена анализа и анкета на локалното население.
- Имајќи во предвид дека населбата Три Чешми е неколку километри оддалечена од постоечките градинки во градот, одлучивме со инвестиција на Општината во вредност од два милиони денари, три постоечки простории во овдешното училиште да се преадаптираат и приспособат за згрижување на децата од предучилишна возраст од населбата, рече градоначалникот Иванов.
Тој додаде дека градинката ќе има посебен влез и посебни стандарди во согласност со ресорното министерство, а истата ќе биде отворена во рамки на детската градинка Вера Циривири Трена. Според неговите зборови се очекува да биде подготвена да ги згрижи првите деца за неколку месеци за кога се најавува завршување на активностите започнати денес.
При посетата на населбата Три Чешми, градоначалникот најави и дека со ребалансот на буџетот направен на последната седница на Советот, предвидени се дополнителни средства за оваа населба, односно предвидено е изградба на мултифункционално затворено игралиште во локалното училиште, со што ќе им се овозможи на учениците непречено да ја следат наставата по физичко образование и во текот на зимскиот период.