Младите борачи на БК „Балканец“ од Штип кои со медали се вратија од Балканското првенство во Сидирокастро – Серес, Грција денеска беа пречекани од штипскиот градоначалник Јорданов.
Младите штипјани на првенството што се одржуваше од петти до седми мај освоија четири медали, двајца станаа балкански шампиони и две трети места. Во екипен пласман кадети (У-17) македонската репрезентација го освои третото место.
Штипскиот градоначалник Јорданов денеска во неговиот кабинет им честита на постигнатите резултати и рече дека се гордее со нивниот успех, бидејќи истиот претставува успех за нашиот град.
– Навистина ова е настан кој ни дава дополнителна мотивација да продолжиме со поддршка на спортските клубови и спортистите, да ја подобруваме спортската инфраструктура во градот, но и да ги мотивираме овие спортски работници. Штип е град на спортот и сметам дека секое вложување во спортот ќе вроди со резултати, рече Јорданов.
Зоран Шоров кој го освои првото место на Балканското првенство од 12 учесници во неговата категорија, рече дека конкуренцијата била голема, а најави дека во истата категорија до 15 години ќе има право да учествува и следната година.
Марија Цветанова која годинава и била последна година за да настапува во кадети до 53 килограми го освои третото место, вели била задоволна од постигнатиот резултат, а следната година ќе настапува за младинците и се надева на подобар резултат.
Тренерот Ананиев рече дека ова е забележителен успех и во кадетска и во пионерска конкуренција и изрази надеж дека со поголеми успеси ќе се вратат од Европското првенство.