Оваа година за првпат, покрај другите содржини, е предвидено да се организира и „спонзор трка“, односно трка во која натпреварувачите трчаат и за секој поминат километар добиваат надомест (награда) која потоа ќе биде донирана на децата со посебни потреби.
Бизнис- секторот веќе се вклучи во донирањето, но можноста за донирање ќе биде отворена и во текот на самиот настан. Општина Делчево упати повик до граѓаните:
„Дојдете, бидете дел од настанот и доколку сте во можност донирајте. Секоја Ваша поддршка е добредојдена. Ајде да го одбележиме Светскиот ден на водата и преку игра и спорт со поттикнување на младите да бидат спремни со својот труд да помогнат некому, да им помогнеме на оние на кои им е најпотребно!“, повикаа од општината.
Стартот на трката со сите други содржини е пред Општина Делчево во 11:30 часот, среда, 22 март.
Швајцарскиот консултант на Проектот (ЕБП), покрај обезбедување на наградите за децата вклучени во настанот, за спонзор трката ќе донира двојно од средствата собрани во Делчево.
Во настанот се вклучени ООУ „Св.Климент Охридски“, ООУ „Ванчо Прке“, детска градинка „Весели цветови“, ОО на Црвен крст-Делчево, Дневен центар за лица со посебни потреби, а организацијата е на Општина Делчево, ЈКП „Брегалница“ и Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево.