Струмица во деновите пред прочка беше центар на смеата, забавата, радоста, живописните костими и досетливите маски. Се одржа традиционалниот Струмички карневал, со главната вечер во саботата, со карневалското дефиле составено од 41 групи со 1.200 учесници со 300 гости од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција и Бугарија. Во саботната вечер, која е и Интернациналната вечер, во повеќе од 3,5 часови карневалџиите дефилира низ улиците на градот.
Струмичка корида, љубов, музика, јунаци од филмовите, беа теми на карневалските маски.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, обраќајки се пред карневалџиите домашните и странски гости, , претставниците на дипломатскиот кор во државата и владините претставници рече дека Струмица е центар на светот.
-Тоа не’ прави неизмерно горди, оти сите ние сме верни негувачи на традицијата, оти сите ние ја вардиме културната оставнина на овој град, оставнина на чиј пиедестал се наоѓа нашиот Струмички карневал. Станува збор за традиција која има древно минато од повеќе векови, станува збор за прекрасно „разгрането дрво“ кое има многу длабоки корени. Тие корени на Струмичкиот карневал зборуваат и за нашите корени, но и за корените на овој град под кулите на Струмица, кој датира од многу, многу одамна, рече струмичкиот градоначалник.
Во петокот вечерта на маскенбалот беа избрани принцот и принцезата на карневалот – Атанас Костуранов и Катерина Јовановска, кои ја предводеа карневалската поворка.
Карневалските празнувања во Струмица продолжија во неделата, на празникот Прочка, на традиционалниот Детски карневал, на кој младите струмичани продефилираа со своите маски. На плоштадот во Струмица децата заедно со своите родители и наставници ги покажаа своите карневалски кореографии преку кои со песна и музика повикаа на мир, љубов, разбирање и весело детство.
На Чист понеделник, на градскиот плоштад се одбележа првиот ден од велигденските пости празникот Тримери, кога на граѓаните им се подели бел, незапржен грав, еден од главните белези на овој ден.
Општината Струмица и градоначалникот Костадинов, беа домаќини на децата од градинките во маски, кои го зазедоа градоначалничкото место.
-Ако по денот утрото се познава, тогаш, се надевам, дека убав ќе ни биде и денот, но и целата работна седмица. Утрово, во мојот кабинет, на гости ми дојдоа дваесеттина убави и умни дечиња, на возраст од четири до пет години, од градинката „Детска радост“, со нивната воспитувачка Љубица Точевска. За атер на струмичките карневалски свечености тие дојдоа под маски, но повод за посетата беше нивниот интерес, одблиску да се запознаат со професијата „градоначалник“. Речено – сторено, напиша Костадинов.
Струмица уште еднаш покажа зошто е еден од светските центри на карневалските случувања.