До крајот на месец август, археолошкиот локалитет Баргала, треба да добие една поинаква слика, попривлечна и подостапна за сите оние коишто ќе сакаат да го посетат оваа историско место лоцирано во Општина Карбинци.
Електрификација, оградување и поставување на туристичката сигнализација до локалитетот ќе се одвива во рамките на проектот којшто и официјално започнува. Општина Карбинци проектот го реализира во соработка со НУ Завод и музеј Штип, како и Источно плански регион. Обезбедени се шест милиони денари, а Општина Карбиници учествува со кофинансирање од 10%.
„Се работи за проект кој заеднички со Музејот го аплициравме преку ИПР и успеавме да обезбедиме финансиски средства во висина од шест милиони денари од страна на Бирото за регионален развој и еве конечно од денес започнуваме со реализација на истиот. Се надевам дека ќе нема проблеми во текот на изведбата и дека кога ќе го реализираме овој проект ќе добиеме една поинаква слика на ова историско место. “ – вели Паунов.
Локалитетот Баргала во рамките на овој проект не само што ќе биде уреден ќе биде вклучен во туристичката мапа, со што ќе нуди повеќе содржини за посетителите од Источниот регион, но и од цела држава.
„Од утре започнуваат градежните работи на проектот Осветлување и оградување, мапирање на локалитетот Баргала со што се надеваме дека овој локалитет ќе го добие своето значење, својата заштита, ама ќе биде вклучен и во туристичката мапа,“ вели директорот на Завод и музеј Штип, Мите Штерјов.