Една година жителите на три улици во штипската населба Автокоманда газат по земја, а кога времето е лошо заглавуваат во кал.
Штипскиот градоначалник Јорданов на прес-конференција од самото место го обвини Министерството за транспорт дека се изживува со жителите на населбата Автокоманда. Вели иако повеќе од два и пол месеци улиците се подготвени за асфалтирање, што е и потврдено од надзорот, министерството ја развлекува оваа последна фаза со цел да креира нервоза кај жителите.
- Првата фаза за промена на водоводната и канализациона мрежа и за завршување на земјените работи е најголемата фаза за која Општина Штип инвестираше и ја заврши. На записниците јасно се гледа дека уште во 2022 и е наложено на фирмата изведувач да ги изасфалтира улиците. Веднаш потоа е наложено со записник од страна на надзорот и претставници од Светска Банка, Министерството за транспорт и општината, дека во текот на јануари ова треба да се заврши. Последно, најново, записникот гласи дека до девети февруари треба да се асфалтираат улиците, вели Јорданов.
Тој јасно нагласува дека општината веќе размислува да ги стави овие улици во својата програма, со цел да бидат завршени.
Јорданов го запраша Бочварски зошто министерството не избере друга фирма која ќе ги изасфалтира улиците, имајќи предвид дека според информациите кои ги добил, фирмата изведувач која треба да го направи тоа е блокирана од сите банки и не е ликвидна. Се постави и прашањето дали министерот има лична, финансиска корист од оваа фирма.
Од Министерството за транспорт, пак, на ова штуро му одговорија на Јорданов дека Министерството за транспорт има обезбедено средства и ги има исплатено сите фактури кон изведувачот, а понатаму процесот на градење е предаден на надзорниот орган и изведувачот.