Директорот на штипското јавно претпријатие „Стипион“, Игор Ефтимов, си поднесува оставка. Ова тој го најави на својот фејсбук профил, а го потврди и штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
– Нема прецизирано конкретна причина, туку дека се работи за лични причини, ни рече градоначалникот во телефонски разговор.
Во соопштение од неговиот кабинет, пак, се наведува дека градоначалникот ја примил оставката, а деновиве ќе именува нов директор. Неофицијално, ќе се избира меѓу Тони Јовев и Кирил Зајков.
– Би сакал да истакнам дека во изминатава година реализиравме проекти, со кои станавме препознатливи меѓу граѓаните, но во периодот кој следува ветуваме посилно темпо на работа и уште поголеми инвестиции насочени кон благосостојба на граѓаните, се наведува во соопштението од неговиот кабинет.
И Ефтимов на својот профил наведува дека оставката е исклучително поради лични причини. За „Стипион“ вели дека го остава во добра состојба, со резултати и проекти на кои се гордее.
– Успеавме и за само една година претпријатието финансиски да го направиме стабилно и силно: во 2021 година ЈП Стипион имаше загуба од 10 милиони денари со дополнителни приходи од 6,5 милиони денари од уличното осветлување. Во 2022 година за само 3 квартали односно 9 месеци ЈП Стипион бележи реална добивка од 10 милиони денари ( без ниту еден денар од уличното осветлување), наведува Ефтимов.