Филтер станицата, цевководот од 18 километри во осум населени места и пристапниот пат до  станицата ќе бидат завршени до крајот на оваа градежна сезона, за да може да се почне со процесот на приклучување со Х.С Злетовица, тврди градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

„Тоа што беше обврска на Општина Карбинци одамна е завршено. Анализата на самата вода, пумпните станици во двете населени места каде што функционира по овој систем, се исто така завршени. Очекуваме да се заврши и овој дел од проектот за да можеме да се приклучиме и да имаме уште едно алтернативно решение за водоснабдување во нашата општина. Со овој проект се опфатени осум населени места,“ информира градоначалникот Виктор Паунов.

Во минатото, додава, проблемите со водоснабдувањето беше сериозен проблем во повеќе населени места во општината.

„Тоа се чувствуваше во селото Радање кадешто во текот на летото имаше недостаток на вода а и таа што ја имаше беше загадена. Овој проблем е сериозен и во селото Таринци. Тука ќе се гради уште еден резервоар, до постоечкиот, и кој ќе функционира одделно за селата Нов Караорман и селото Долни Балван. Во овој момент со еден резервоар, практично се снабдуваат трите села со вода за пиење, а капацитетот е мал. На овој начин, со нов резервоар, со нов цевковод до селото Долни Балван, ќе има олеснување во водоснабдувањето на овие две населени места-Долни Балван и Нов Караорман  а Таринци ќе биде независно од другиот систем за водоснабдување на другите населени места,“ образложи Паунов.

фото-архива