Во Свети Николе, седиштето на древните Пајонци, денеска беше промовирана монографијата Пајонија и Пајонците, која издавачот, Филозофскиот факултет од Скопје ја најави како збир од интердисциплинарни трудови. Како што рече професорот Ратко Дуев, во неа се толкуваат литературни и наративни сведоштва, се анализираат најважните археолошки наоди и се прикажуваат најновите достигања во пајонската нумизматика и епиграфија. Намерата на ова издание, како што беше речено на промоцијата е преку податоците, собрани во ваков облик, да поттикнат и охрабрат нови истражувања, со кои уште подлабоко ќе се проникне во историјата и културата не само на Пајонците, туку и на ним соседните балкански племиња и народи.
Професорот Антонио Јакимовски, кој е еден од уредниците на монографијата рече дека собраните материјали зборуваат за материјалното и културното богатство на Пајонците, градот, монетите, обичаите, кои објаснуваат каков народ биле.
-Читателите може да ја видат керамиката, да видат како живееле, како се погребувале, каква облека носеле какви монети ковале, какви биле нивните кралеви… Читателот може да се запознае со многу аспекти да се запознае, значи со целокупниот живот на Пајонците на овие простори – значи од бронзеното време од XIII век пне.,до нивното спојување со Македонците, односно III век пне., рече Јакимовски.
Овој труд на повеќе од 400 страни може да послужи за учебник за факултет, средно училиште, литература за култура, уметност и стара архитектура. Поради тоа, како што вели професорот Драги Митревски, монографијата Пајонија и Пајонците не е обична книга.
-Тука се собрани сите знаења за еден од најстарите народи на Балканот, кои се споменуваат во Илијадата, Хомер ги споменува, подоцна Херодот, сите антички автори му даваат посебно значење на тој народ, тоа кралство создадено, чија престолнина е тука во Била Зора – тоа археолозите го имаат откриено. Така што, до сега постојат чувани работи, сто години наназад се’ некој нешто пишува за нив, за Пајонците, за Пајонија, за историјата нивна, за начинот на живот… На разни места вие ќе најдете податоци од модерните автори што нешто истражуваат, пишуваат, но сето тоа собрано на едно место ќе го најдете во оваа книга, објаснува Митревски.
Работата на Филозофскиот факултет и разоткривањето на животот на Пајонците е поддржана и од Општината Свети Николе. Градоначалникот Дејан Владев смета дека локалитетот Била Зора, местото каде се простирала Пајонија, може да стане атрактивна туристичка локација.
-Добар дел од содржината на ова прекрасно издание е опфатено тука, за нашата Била Зора, за она што го имаме, а што го нема скоро половина свет. Ја искористивме приликата пред оваа промоција, да ја посетиме Била Зора, каде што утврдивме заедно дека ќе имаме прекрасна соработка и од страна на заложбите на просторот и Музејот од Штип и после долги години полека но сигурно, ќе почнеме да го враќаме изгледот на Била Зора како што заслужува и како треба да виде, рече на промоцијата градоначалникот Владев.
Археолошките локалитети Била Зора е еден од најстарите, а најмалку истражен. Се работи за голем простор од 20 хектари, од кои археолозите работеле на сосема мал дел. Оваа година со средства од Министерството за култура, археолозите на Завод и Музеј од Штип започнаа со конзервирање на владетелската палата.
-Ова е втората фаза после сите тие обемни истражувања коишто се правеа на овој локалитет при што се конзервираа сите објекти за да може овој локалитет да си го добие своето значење во презентација на културното наследство. Бидејќи истражувањата се еден аспект, конзервацијата е другиот аспект, каде се обидуваме да ги зачуваме сите тие содржини кои што се ископани и понатаму да влезат во онаа туристичка понуда каде локалитетот ќе го добие своето значење. Ние работиме проект на Министерството за култура, поддржан со 1,8 милиони денари, кои во оваа фазе се надеваме, ќе бидат доволни за конзервација на владетелската палата, изјави Митко Штерјов, директор на Завод и Музеј – Штип.
Има уште многу работа со седиштетото на Пајноците, кое за Свети Николе и Македонија е уникатен остаток од минатото, на кое треба да се навратат современите генерации.