Повеќе проблеми од интерес на граѓаните на Струмица беа тема на расправа, но и решавање во изминатите шест месеци од работењето на Локалниот совет за превенција. Последен решен е поставувањето на тезги за продажба на текстил во центарот на градот. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, рече дека е задоволен од досегашната работа на Локалниот совет за превенција, а тоа го потврди и ОБСЕ посочувајќи ја Струмица како пример во државата како треба да се решаваат проблемите во општините.
-Ги отвораме проблемите, разговараме со засегнатите страни, независно дали станува збор за дивите продавачи, коишто беа поканети на седницата на ЛСП, дали станува збор за институции. Најголемиот проблем на бирократијата го решаваме со тоа што сите сме на едно место и отворено разговараме. Нема некој надлежен што не е тука. Сите надлежни се во Домот на Армијата и затоа има резултати, изјави градоначалникот Костадин Костадинов.
Следно за работа пред Локалниот совет за превенција е нелегалната трговија со старо железо на улицата „Антон Панов“, вандализмот на урбаната опрема, како и узурпацијата на тротоарите од страна на несовесните возачи, за што ќе се активираат и комуналните инспектори.
Од формирањето на Локалниот совет за превенција, во измината половина година, се одржува темпото на редовно одржување на средби на ова тело, кое се покажа како мошне корисно во решавањето на проблемите на кои укажуваат граѓаните.