Крап во тава, перкија, белвица и сом, баклава и татлија-сите дојрански специјалитети на едно место и во исто време ќе можат да се вкусат на традиционалниот Фестивал на традиционална храна и музика во Општина Дојран во недела.
На тениското игралиште во ОУ ,,Кочо Рацин” во Нов Дојран а ќе бидат презентирани гастрономските специјалитети приготвени од вредните дојрански домаќинки. Фестивалот според објавата на градоначалникот на Дојран Анго Ангов ќе започне во 19 часот каде може да се ужива во добра музика но и големиот број специјалитети.
„За посетителите на настанот како и изминатите години, специјалитетите ќе бидат подготвени од вештите раце на домаќинките – членки на здружението на жени “Дојрана”, кои воедно ќе ја подготват и трпезата која ќе изобилува со врвни традиционални јадења. На менито ќе бидат традиционалните јадења како крап во тава, перкија, белвица и сом, нема да изостанат и вкусните пекарски производи, а за искуството да биде целосно, познатата дојранска баклава и татлија неизбежно ќе се најдат на софрата. Дојран Гурман фест ќе понуди и богата забавна програма. Музичарите од “Мерак меана” ќе направат настанот да биде вистинско уживање за сите сетила,, објави Ангов
Дојран Гурман Фест е во организација на здружението на жени “Дојрана” од Нов Дојран и Општина Дојран“, вели Ангов.
фото-ФБ градоначалник Дојран