Подготвени за нови инвеститори. Во индустриската зона во Општина Карбинци денеска се асфалтираа две улици т.е два крака во функција на инфраструктурно уредување на Индустриската зона во непосредна близина на селото Таринци. Увид во работите денес изврши градоначалникот Виктор Паунов.
„Тоа подразбира асфалтирање на овие нови улици со тротоарско решение и атмосферка канализација. Се работи за проект кој е финансиран од буџетот на Општина Карбинци, во вредност од 9 милиони денари и е од суштинско значење за оваа општина. Се надевам дека со уредување то кое што финишира, ќе ги обезбедиме потребните услови коишто ги заслужуваат инвеститорите. Се работи за индустриска зона во којашто веќе се гради,“ изјави градоначалникот.
Паунов вели дека речиси 90% од парцелите во оваа индустриска зона се веќе продадени. Тука треба да никнат неколку фабрики од преработувачката лесна индустрија а има еден дел и фотоволтаични панели.
„Дел од овие парцели се со изградени објекти, дел од нив веќе се во постапка за добивање на одобренија за градба. Се надевам дека во следниот период па и во годините што следуваат оваа зона ќе изобилува со нови инвестиции, нови фабрики за да можеме и економскиот дел на Општина Карбинци да го потпреме на оваа индустриска зона,“ смета Паунов.
Според градоначалникот во моментов во општината се одвива вистинска пролетна офанзива.
„Се работи на неколку клучни проекти во Општина Карбинци. Се асфалтираат во овој момент две други улици. Претходните денови се завршија исто така неколку улици, коишто се од суштинско значење за населението. За кратко започнуваме со изградба на три нови игралишта-Игралиште во село Крупиште, реконструкција на помалото игралиште во село Карбинци и нова асфалтна површина во село Кучица, во плачковичкиот регион. Со овие проекти продолжуваме да го подобруваме стандардот и животот на жителите на Општина Карбинци“, додаде Паунов
Заедно со градоначалникот ,на увид на работите во индустриската зона беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.