Огромните количини снег по крушевските улици, во голема мера го усложнуваат реализирањето на редовните обврски на ЈКП, како што е собирањето на сметот. Поради тоа од претпријатието барат разбирање од граѓаните, зошто оваа активност се одвива рачно, па постапката оди побавно.
„Претходно известивме дека работиме на пристап и на расчистување на просторот околу поставените контејнери со цел да се одведе насобраниот отпад. Но, при вчерашните и денешни активности за празнење на контејнерите и одведување на отпадот се соочуваме со дополнителни потешкотии. Заради количини на вода од растопен снег контејнерите не можат да се подигнат од камионот за отпад и истите се расчистуваат рачно. Тоа одзема време и значително ја отежнува работата на вработените. Дополнително, тесните улици и паркираните возила се исто така голем проблем, “ информираат од претпријатието.
Поради овие причини од ЈКП „Комуна“ повикуваат на разбирање и трпение од страна на граѓаните за собирање на отпадот.
„Ја разбираме ситуацијата и не само што сликата од преполни контејнери е неубава, туку и одлагањето на отпадот од домаќинствата е уште еден проблем. Денес продолжуваме со работа за да ги надминеме потешкотиите и да одговориме на обврските, но и на вашите барања и истовремено апелираме на соработка од страна на граѓаните,“ се вели во информацијата од ЈКП „Комуна“.