Избор на најдобра фотографија од Делчево и Брегалничкот регион на тема „Вода за живот“ , како и натпревар –штафетна трка за ученици од основните училишта, се дел од активностите кои се подготвуваат во рамките на Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, финансиран од Швајцарската Влада, а со цел одбележување на Светскиот ден на водата, 22 Март 2022.
Целта на активностите кои се во организација на Општина Делчево, ЈКП „Брегалница“ и Проектниот тим, е подигање на свеста на населението за прашањата поврзани во водата, промоција на Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, како и мотивирање на граѓаните за совесно однесување со водата и природните ресурси.
Конкурсот за избор на најдобра фотографија на тема „Вода за живот“ е веќе објавен на општинската веб-страница и на него можат да аплицираат заинтересираните аматери и лица од сите возрасни групи на кои фотографирањето им е хоби. Рокот за доставување на апликациите е продолжен до 20 март.
Натпреварот –штафетна трка е планирано да се одржи на 22 март (вторник) во 12 часот на спортското игралиште во ООУ „Ванчо Прке“. За таа цел деновиве се формираат тимови од ученици кои треба да истрчаат патека од 100 метри, а натпреварувачите во рака ќе носат и сад со вода, а покрај брзината, целта е да се зачува и поголема количина вода во садот.
Сите натпреварувачи од тимот кој ќе биде најбрз, но и ќе има најголема количина на вода во садот, ќе бидат наградени. Доколку различни тимови имаат иста брзина, ќе биде награден тимот со повеќе вода во садот.
Воедно, талентираните ученици за ликовна уметност ќе творат на темата „Вода за живот“во текот на самиот настан.
На овој настан ќе бидат доделени и трите награди за најдобра фотографија на тема „Вода за живот“.