По една деценија пробиштипјани добиваат нова, современа киносала. Салата „Злетовски рудар“ која беше направена во 50-тите години, денеска има комплетно нов лик и капацитет да смести 360 лица.
Ова е еден од трите капитални проекти кои градот ги реализира преку програмата за рурален развој, креирана од Министерството за земјоделство.
Овој мал рударски град всушност е и еден од подобрите искористувачи на оваа програма за капитални инвестиции во руралната инфраструктура, па преку неа го направи и патниот правец Пробиштип – Стрмош и реконструкцијата на спомен паркот „Братство и единство“.
– Горд сум што успеавме да ги реализираме овие три капитални проекти, кои не само што ги подобруваат условите за живот на нашите сограѓани туку даваат и можност за развој на културата, но и за рекреација и можност да се поминат убави моменти со најблиските, рече градоначалникот Драган Анастасов.
Општина Пробиштип според министерот Николовски претставува одличен пример за тоа како се користат средствата од програмата за рурален развој, од подготовката на самите проекти за аплицирање, па се до реализацијата.
– Општина Пробиштип е одличен пример за соработка меѓу локалната и централната власт, за паметното и домаќинско работење и користење на средствата од буџетот наменети за капитални проекти од значење на граѓаните. Пробиштип е пример како треба и како мора да се грижиме за она што е наше, да го чуваме она што ни е оставено и да го модернизираме и како да се создаде и гради нешто што оваа генерација ќе го остави на следните што доаѓаат, рече министерот Николовски.
Овие три реализирани проекти беа целосно покриени со грант од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а обврска за општината беше само да исплати ДДВ.
– Навистина ми е драго да видам дека парите што ги исплаќаме како Платежна агенција наменски се трошат во објекти и спомен паркови кои ќе останат како трајна вредност за општините, особено за руралните средини, рече директорот на Агенцијата, Никица Бачовски.
Дополнително Пробиштип, преку ИПА програмата на министерството за земоделство ќе реализира и друг проект – реконструкција на мали системи за наводнување во с. Пишица.
– Системот за наводнување Пишица ќе наводнува земјоделска површина од 30 хектари, а бенефит ќе добијат околу 70 земјоделски стопанства кои конечно ќе си го решат проблемот со наводнувањето, дополни министерот Николовски.
Ваквото наводнување, преку нискотрошковни системи за наводнување, освен што е економично, е и еколошко.