Со помош на механизацијата на ЈПКД„Комуналец“ и вработените измината недела во Гевгелија беше спроведена акција на чистење на дивите депонии. Во кацијата е отстранета голема количина на комунален отпад и градежен шут, исфрлени на недозволени локации, во близина на Миравци и Смоквица. По целосното собирање на отпадот, на исчистените локации ЈПКД„Комуналец“ постави ознаки за забрането фрлање на отпад.
Во оваа прилика, градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов, изјави дека заштитата на животната средина е една од приоритетните задачи.
-За таа цел ќе бидат реализирани повеќе акции и проекти, но, најпрво, како што самиот нагласи, добро е да ги исчистиме расфрлените отпадоци, кои ги има насекаде, поточно, крај секое населено место. Притоа, најави дека акцијата за чистење на непрописно расфрланиот комунален отпад ќе продолжи и во другите населени места во Општината, каде што се присутни вакви диви депонии, изјави Сарамандов при посетата на локациите во Миравци и Смоквица.
Општината со своите комунални служби упати апел до граѓаните, кои живеат во близина на овие населени места, сметот да не го фрлаат на недозволени локации, со цел да не се создаваат нови диви депонии. Од своја страна ЈПКД„Комуналец“ ќе продолжи со навременото собирање на контејнерите поставени во населените места, согласно распоредот за подигање на сметот.