Размена на искуства во областите на економијата, урбаното управување и административните услуги, образованието, здравствената заштита, културата, спортот и туризмот, како и во заштитата на животната средина содржи потпишаниот меморандум меѓу Општините Македонска Каменица и Општината Балчова од Република Турција. Овој документ беше потпишан за време на декемвриската посета на турската делегација на Македонска Каменица, предводена од градоначалничката на Балчова, Фатма Чалкаја.
На средбата со нејзиниот домаќин, градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, Чалкаја рече дека очекува значително продлабочување на односите и поголема соработка меѓу двете општини.
-Денес помеѓу Балчова и Македонска Каменица изградивме еден братски мост. Верувам дека со тек на времето ќе се зајакнеме културно, економски и ќе продолжиме како браќа до крај. Ја користам приликата да се заблагодариме на градоначалникот и членовите на Советот за поканата и уште еднаш ќе кажам чест и задоволство е што сме овде, рече градоначалничката Чалкаја на чинот на потпишувањето на меморандумот.
Домаќинот на турската делегација, градоначалникот Димчо Атанасовски рече дека меморандумот е надополнување на добрите односи кои веќе ги имаат воспоставено Македонија и Турција.
-За наша среќа, ние за прв пат имаме можност за збратимување на Македонска Каменица со Балчова. Очекувам прекрасна соработка во областа на културата и во областа на економијата и во областа на спортот и се што е во интерес на двете општини, изјави Атанасовски.
Престојот на турската делегација беше искористен за посета на Рудник Саса и манастирско-туристичкиот комплекс „Еленец“ во село Цера.