Без нови трошоци за украсување, Гевгелија ќе добие новогодишно руво, а новогодишната елка ќе светне во центарот на градот. Одлучено е годинава да се распише нов тендер за новогодишно украсување, туку да се искористат елките и украсите со кои располага општината. Тоа значи дека од Општинскиот буџет за новогодишно украсување нема да бидат користени дополнителни средства. Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, поради енергетската криза и воопшто потребата од заштеда на средства, одлучено е градот и неговото централно градско подрачје да бидат украсени со новогодишните украси, со кои располага Општината. На тој начин нема да им го ускратиме задоволството на граѓаните да го почувствуваат новогодишниот амбиент. Во ЈПКД „Комуналец“ и надлежните служби веќе се подготвуваат за новогодишното украсување и од наредната недела ќе започнат со поставувањето на елката и новогодишните украси, нагласува Сарамандов.