Бесплатниот јавен превоз е најавен како етапно спроведување, првата фаза веќе е отпочната, а таа е ревидирање и оптиминизирање внатре во процесот, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
„За пензионерите во секој случај е неопходно да се врати бесплатниот превоз кој што го имаа претходно. Тоа е нешто кое што навистина е во нивен интерес и мислам дека заслужиле и како категорија на граѓани заслужуваат да имаат бесплатен јавен превоз. Понатаму да се изедначат категориите, ги видовме дека ги има според мене. Тоа е едно воведување на еднаквост не само за студентите и средношколците, туку и оние кои што се во приватните средни училишта и на приватните факултети. Тие не се ништо помалку ученици или студенти, значи мораат да имаат иста таква подеднаква привилегија како сите останати за да можат да ги користат“, појасни Арсовска.
Арсовска додаде дека ќе се воведат не само овие траси кои што се најавени туку да се направи план програма за да можат да се донесат нови електрични автобуси, да се стават на брзи ленти кои што би требало да бидат регулирани како што е пракса во сообраќајот во голем дел од метрополите низ Европа.