На одбележувањето на Меѓународен ден на лицата со попреченост, 3 Декември, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски најави неколку проекти, кои се дел од неговата програма, а се однесуваат на лицата со попречености и нивните семејства.
Како што истакна Димитриевски, годините наназад покажаа дека Куманово е пријател на секое дете и лице со попреченост, а општината останува инкулзивна.
-Денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост е силна потврда за нашата заложба како општина во унапредувањето на квалитетот на живот на сите граѓани, вклучително и на овие лица. Се обврзувам дека во следниот период ќе дадеме можност на лицата со попреченост да придонесат за подобро Куманово. Во нашата програма за работа предвидуваме отворање на спортска сала за лица со попреченост, како и бесплатен јавен градски превоз на семејства, кои имаат деца со попреченост и за лица со попреченост. Во општинските училишта ќе поставиме пристапни рампи и тоалети за деца, а ќе направиме и реконструкција на сите тротоари во централното градско подрачје и адаптација за непречено движење на овие лица“, смета Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник повика сите заеднички активно да делуваат во обезбедувањето на подобар живот на овие лица, кои се наши деца, родители, пријатели и колеги.
-Мораме да направиме сè за да им го олесниме нивното секојдневно функционирање. За нас, денешниот ден е само потсетник дека мораме сите заеднички во текот на целата година да работиме посветено на овој план, за да можеме и да кажеме дека сме успеале Куманово да ја направиме да биде поинклузивна и похумана општина“, рече Димитриевски.