77 години слободен Штип. Со интонација на химната од страна на учениците од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, започна свечена седница по повод 8. ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Традиционално на денешниот празник беа врачени одличја на заслужни граѓани и институции од Општината за постигања во изминатиот период.
Претседателката на Советот на Штип, Весна Кожинкова, која ја отвори Свечената седница и го честита празникот на градот, истакна оти ваквите празнувања се вистински повод да проговориме за висиите за подобар и поубав Штип.
Градоначалникот Иван Јорданов, истакна дека борбата за модерен, урбан и просперитетен град никогаш не престанува.
– Нашиот заеднички интерес е современ и европски град, ефикасен, ефективен и чист. Економски стабилен и моќен, инфраструктурно поврзан со сите општини. Град на културата и спортот – само таков Штип ќе го задржи и одржи приматот центар на источна Македонија. Чекориме гордо и смело и градиме нова ера во развојот на нашиот град, бидејќи тој не е само наше минато и сегашност, туку иднина за наш и нашите деца. Нека ни е честит 8. ноември – Денот на ослободувањето и нека ни е за многу години празникот Митровден, истакна Јорданов.
Највисоката награда „Осми ноември“ годинава му припадна на Дамјан Давков за исклучителен придонес за афирмирањето на Штип, како млад математичар носител на светски и европски награди и признанија, во натпреварите по математика.
Постхумно носители на признанијата „Осми ноември“ се тројца афирмирани штипски новинари. Горан Гаврилов, осовоположникот на првото приватно национално радио Канал 77, за исклучителен придонес во развојот на информирањето. Трајче Јованов за постигнувања во сферата на новинарството и Драган Ристов за исклучителен придонес во афирмирањето на Штип како публицист, новинар и сликар.
Признанија „Осми ноември“ добија и друштвото за планинарски спортови Лисец и активистката Кристина Ампева од Здружението „Гласен текстилец“ за исклучителниот придонес во заштитата на правата на конфекциските работници.