Градоначалникот Коста Јаневски, денеска, симболично им го предаде клучот на градот на струмичките карневалџии кои во наредните осум дена ќе ја водат Струмица, со тоа и официјално започнаа годинашните карневалски свечености. На пригодната свеченост која што по тој повод се одржа пред Центарот за култура „Антон Панов“, Јаневски рече дека воведувањето на овој мал новитет има големо значење во историјата на струмичкиот карневал. Чест, гордост и задоволство е да се биде струмичанец.
Некој дури би рекол дека е тоа и вистинска привилегија. Таквото чувство на одважност, особено добива на значење во деновите на одржување на карневалските свечености во нашиот град. Тоа е така поради фактот дека струмичани се исклучително горди на своето културно наследство и на традиционалните вредности добиени во аманет од своите предци. А има ли поубава и поавтентична традиција од нашиот Струмичкиот карневал. Од памтивек до денешни дни, генерации и генерации струмичани ги негувале и унапредувале игрите под маски, и на тој начин, ем се забавувале, уживајќи во можноста барем еднаш во годината да се престорат во тоа што не се, ем опстојувале во намерата да бидат верни на вековната традиција. И ете така, година по година, стасавме до овогодинешното издание на карневалските свечености, кои и овој пат ќе кулминираат со големиот Струмички карневал. Се радувам, најпрвин како човек и струмичанец, а потоа и како градоначалник и покровител на Струмичкиот карневал, што за прв пат во неговата историја воведуваме еден мал новитет, но со големо значење. Со надеж дека ќе имаме уште едно успешно издание на карневалските свечености, и со уверување дека Струмица повторно ќе ги отвори своите порти за добредојде на гостите од Македонија, Балканот, Европа и светот, со задоволство сакам да го предадам клучот на градот на струмичките карневалџии, кои во наредните осум дена ќе ја водат Струмица во насоката која сите ја посакуваме. Тие тоа го заслужуваат. Тоа го заслужува Струмичкиот карневал. Нека биде карневал. Нека се случи струмичко чудо. Нека Струмица биде повторно центар на светот. Ги прогласувам овогодишните карневалски свечености за отворени, рече градоначалникот Јаневски.
Од името на карневалџиите, клучот го прими Александар Цицимов, претседател на организациониот одбор на карневалот, кој пак на градоначалникот Јаневски му подари капа од Федерацијата на европските карневалски градови. Во името на сите карневалџии се обврзуваме дека ќе направиме се, Струмица да го зачува своето реноме кое што тешко го стекна и дека ќе понудиме уште едно извонредно издание на струмичкиот карневал, рече Цицимов, заблагодарувајќи се за предадениот клуч од градоначалникот Јаневски.