Денес во големата сала на Општина Крива Паланка се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општината, на која претседателот на Општинската изборна комисија, Моника Костовска ги додели уверенијата на членовите на Советот за мандатот од 2021-2025 година.
На денешната конститутивна седница на новоизбраниот Совет беа верификувани мандатите на 19-те избрани советници од кои, единаесет советници од кандидатската листа на коалицијата „Најдоброто за мојата општина’’, предводена од СДСМ со носител Изабела Павловска, седум советнички мандати од кандидатската листа на коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО –ДПМНЕ, со носител Емил Спасовски и еден советник од коалицијата „Одлучно за промени“ со носител на листа Дане Милошевски.
За претседател на Советот, со мнозинство гласови, повторно беше избрана досегашната претседателка, Изабела Павловска од коалицијата „Најдоброто за мојата општина’’, предводена од СДСМ, која во своето обраќање се заблагодари за укажаната доверба од страна на сите советници.
Честитајќи им го изборот на новите советници градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски изјави:
-Во следните четири години не чека многу работа, а јас како градоначалник ќе бидам отворен за соработка и со слух за конструктивни идеи и предлози. Ве уверувам дека ќе дебатираме, дискутираме и анализираме се што ќе треба да се изгласа како одлука во Советот и ќе носиме исклучиво решенија кои се по мерка на граѓаните, а Вие како нивен глас и претставници, знаете што е најдобро и Вие ќе одлучувате дали, кога и што ќе се реализира. Секој нов почеток означува нови можности, нови перспективи, но истите се надградба на бројните досегашни проекти реализирани од страна на општинската администрација и сите мои и ваши претходници, за што упатувам голема благодарност бидејќи сите тие буквално се вградија во се она што е направено во општината од осамостојувањето до денес. Од мое и Ваше име, им благодарам. Без суетност, со отворен ум и срце, ќе бидам тука за се што треба, со поддршката од Вас, да ја водиме Крива Паланка на патот на прогресот, на патот кон Европска и модерна, урбана и убава Крива Паланка. Ќе бидам Ваш партнер на кој ќе можете да сметате во секое време за да може со задоволство да кажеме дека во нашиот град живеат задоволни и среќни луѓе. Затоа, повикувам да се надминеме себеси, да ги надмине партиските идеологии, интереси и цели, да работиме заедно за една цел- подобра Крива Паланка. Да имаме доблест да се обединиме во мислата за секоја добра идеја, да не се опструира и опонира, да се слушаме и гледаме со почит, да градиме мостови кон нови можности, да бидеме едно во правецот на придвижување на сите општествени текови кон просперитет и развој. Тоа нека биде наша водилка кон доброто живеење што ќе биде резултат на доброто работење за нашата Крива Паланка, изјави Митовски.