Денеска во мултифункционалниот центар во Општина Делчево се одржа Конститутивната Седница на Советот на Општина Делчево, која ја отвори досегашниот претседател Драган Маневски, по што највозрасниот советник од новиот состав на Советот, Марјанчо Велиновски, продолжи со водењето на Седницата.
По изборот на Комисијата за верификација на мандатите и верификација на мандатите на 15-те советници, советниците дадоа Свечена изјава, а мнозинството советници за претседател на Советот го избра дипл.инж.арх. Гоце Попов.
Новиот претседател на Советот, Попов, се заблагодари на довербата од советниците и истакна дека овој состав на Советот со конструктивна, посветена и искрена работа ќе даде придонес во развојот на Општина Делчево.
-Безрезервно ќе се заложам и ќе овозможам да биде слушнат гласот на секој наш сограѓанин. Со еден збор, мојата идеја и визија е Советот на Општина Делчево да стане храм на демократијата, каде секој советник и граѓанин ќе ги остварува своите демократски права. Овде сме избрани во име на граѓаните да носиме одлуки, планови, програми и решенија, да даваме насоки. Да бидеме конструктивни, да бидеме креативни, да бидеме обединети бранејќи ги интересите на граѓаните, порача Попов.
Тој додаде дека како претседател на Советот на Општина Делчево се откажува од финансискиот надомест во интерес на нашите сограѓани кои имаат најголема потреба од финансиска помош.
-Финансиските средства во висина од 12 претседателски паушали ќе бидат донирани во целост на деца и семејства кои се социјално загрозени, на самохрани родители кои имаат нужна потреба од помош, на ученици и студенти кои покажуваат врвни резултати и успеси во учењето, а сè со цел да ги мотивирам и да им потврдам дека одат по вистинскиот пат. Да им дадам до знаење дека секој нивни индивидуален успех е нотиран и претставува наш колективен успех и дека со нетрпение ги чекаме да го завршат студирањето и како изградени професионалци во своите професии ни се приклучат и помогнат во борбата за афирмирање и создавање модерна и современа Општина. Тоа е патот кој сум го поминал и јас лично, како и многу други наши видни сограѓани,и знеме дека не е лесно, но верувајте ми, еден ден ќе вреди! За крај ќе кажам дека тоа е патот кој денеска и мене ме донесе овде, како претседател на Совет на нашата Општина, порача Попов.
Градоначалникот Трајковски кој присуствуваше на Конститутивната седница им го честиташе мандатот на новите советници и им порача дека работата на Советот е од исклучително значење за развојот и напредокот на една општина и одговор на барањата и потребите на граѓаните.
-Најпрво, дозволете да ви го честитам изборот и мандатот за членови на Советот на Општина Делчево. Ви посакувам успешна работа, конструктивни дискусии, почитување на Уставот и законите и општинските акти. Вашата посветена работа и конструктивната соработка значи дека продолжува развојот на Делчево, дека ќе одговараме на приоритетите и на потребите од граѓаните, дека ќе бидете нивниот глас и ќе соработуваме со една единствена цел да го развиваме нашиот роден град и да создаваме подобри услови за живот на граѓаните, рече Трајковски.
Општинскиот совет го предводи СДСМ и Коалицијата со освоени 8 советнички мандати, додека ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата имаат 6 советници и еден советник Партијата Левица.
Составот на Советот на Општина Делчево со мандат од 2021 до 2025 е следен:
- Гоце Попов
- Сашко Ивановски
- Јасмина Ќурчиска
- Оливера Ташевска
- Марио Скакарски
- Кристи Стојковски
- Сунчица Ѓорѓиева
- Иван Гоцевски
- Кирил Тренчевски
- Бојана Гоцевска
- Марјанчо Велиновски
- Сања Николовска
- Зекир Абдулов
- Стефанија Атанасова Јовановски
- Дејан Георгиевски