Екипи на Град Скопје продолжуваат со уривање на објектите кои се наоѓаат на трасата за продолжување на булеварот АСНОМ преку новиот мост во Аеродром низ Керамидница. Објектите кои се уриваат се експропирани, а сопствениците се обесштетени според законски предвидената методологија, информираат од Град Скопје.
Новиот премин преку Вардар ќе ги поврзе улицата Васко Карангелевски во Аеродром со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни.
И во овој дел е предвидено модерно булеварско решение со по 3 коловозни ленти во двата правци, странично и средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки и модерно ЛЕД осветлување.