Општина Куманово и Здружението на чевларите, за првпат годинава, во Домот на занаетчии, организираа прослава по повод празникот Свети Спиридoн.
Градоначалникот, Максим Димитриевски посочи дека Куманово е препознатливо по чевларството и дека општината веќе има отпочнато проекти, меѓу кои и шопинг турата во рамки на проектот „Визит Куманово”:
„Со единствена цел да се подигне производството, а да се зголеми побарувачката на тој начин сметаме дека можеме како општина да дадеме само еден мал придонес во развој на нашето стопанство и на чевларството во нашиот град“, изјави Димитриевски.
Во општината која се смета за предводник на чевларската индустрија, работат седумдесетина претпријатија со близу 3.500 работници од Куманово.
Државниот секретар во министерството за економија, Зоран Павловски рече дека наредната година се очекува пораст на извозот од оваа гранка.
„Министерството за економија, во секторот за мали и средни претпријатија, ќе продолжи програмата за субвенционирање на основни средства, алат и опрема што значи дека можат да се вклучат и чевларите. Уште една програма се однесува на разни обуки, јас лично знам дека во градот недостасуваат моделари, штепери кои ќе можат да конкурираат на таа програма и да се одржи токму во Куманово во некоја од чевларските работилници, а сигурно дека ќе имаат учество сите здруженија и комапнии од државата”,- рече Павловски.
Претседателката на здружението на чевлари од Куманово, Лидија Миланова се заблагодари на присутните и на нивната поддршка за развој на оваа индустрија.
Од Македонија годишно се извезуваат 1 милион и 800 илјади парчиња обувки, а се увезуваат 4 милиони, поради што треба да се работи на промоција и изнаоѓање на странски пазари за оваа индустриска гранка.