Звонко Деспотовски, полицец во СВР Куманово и Стефан Крстевски, пожарникар во Противпожарната единица Куманово, се прогласени за најдобри во својата професија за 2017 година. Тие го добија општинското признание за најдобри професионалци во областа на безбедноста, а наградите им ги врачи градоначалникот Максим Димитриевски.

„Ви посакувам во наредната година да имате помалку работа, а да постигнувате повисоки резултати и да бидете подготвени за сите предизвици кои ве очекуваат. Верувам дека вашите претпоставени градат професионални тимови за делување. Граѓаните на општина Куманово и јас како градоначалник веруваме во вас, се чувствуваме безбедни и благодарни сме што создавате сигурна зедница и сигурна општина Куманово”, изјави Димитриевски.

Полицаецот Звонко Деспотовски во полицијата работи 27 години и досега добивал и други награди, но вели дека оваа му е најдрага.

„Оваа награда ќе ми даде поголем мотив и елан во извршување на понатамошната работа. На младите им порачувам да бидат дисциплинирани, да ги почитуваат наредбите на претпоставените старешини и да имаат поголема соработка со граѓаните„, – изјави Деспотовски.

За укажаната доверба и награда се заблагодари и младиот Стефан Крстевски, кој во професијата е само 4 години.

„Сакам да се заблагодарам на градоначалникот,  командирот и сите мои колеги без кои не би можел да стигнам до оваа награда. Таа ќе ми биде мотив во понатамошната работа, во извршување на работните задачи, – изјави Крстевски.

Како награда за покажаните резултати наградените добија рачни часовници.