Возилото за транспорт е доделено на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Куманово. Градоначалникот Максим Димитриевски во оваа пригода рече дека новото возило ќе го олесни животот на оваа категорија на граѓаните на Куманово.
-Mоменталните услови со кои се соочуваат лицата со посебни потреби, па и вработените во Дневните Центри за лица со посебни потреби во Североисточниот плански регион се незадоволителни, со ниско ниво на развиеност во поглед на опрема, која треба да им се понуди на лицата со посебни потреби, со цел за нивна професионална ориентација и рекреирање во секојдневниот престој. Ваквиот квалитет и ваквите норми за престој, кои им се нудат на лицата со посебни потреби влијаат врз секој аспект на животот и често резултираат со незадоволство, со нерамноправна положба, со неквалитетен живот, развој и едукација и социјална исклученост од пазарот на трудот, рече Димитриевски.
Димитриевски се осврна и на превозот на корисниците на Дневните центри за лица со посебни потреби, кој се одвива отежнато поради немање на сопствено возило на одредени дневни центри, кои се приморани превозот да го вршат со такси превоз, во кој нема услови за превоз на лица со инвалидски количка, како и дотрајано обично комби возило на еден Центар, кое често останува дефект, оневозможувајќи го транспортот на оваа категорија лица.
-Овој проект мора да овозможи услови за социјална инклузија на лицата од идентификуваните ранливи и маргинализирани групи на граѓани, кои подлежат на социјален ризик во функција на обезбедување недискриминација и афирмирање на социјалниот диверзитет, кажа градоначалникот Димитриевски.
Оваа активност се спроведува согласнопроектот “Социјална инклузија на корисници на Дневни центри за лица со посебни потреби и подобрување на социјалните услуги преку подобрување на нивниот транспорт” на Североисточен плански регион со Швајцарска агенција за обнова и развој, поддржана од Швајцарска амбасада во РСМ и Министерство за локална самоуправа на Македонија. Владимир Павловски од Свероисточниот плански регион кажа дека во рамките на проектот набавени се три специјални комби возила со рампа за Центри за социјални работи со Дневни центри за лица со посебни потреби за Куманово, Кратово и Крива Паланка.