ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска започна активности за расчистување на четири диви депонии во скопската општина Бутел. Депониите, составени од мешан комунален, кабаст и градежен отпад, се лоцирани на улицата Бетовенова, како и улиците Александар Урдаревски и Лазо Трпевски, во непосредна близина на гробиштата.
„Во координација со општината Бутел, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска започнаа со отстранување на четири диви депонии лоцирани во оваа скопска општина. Очекуваме до крајот на акцијата да бидат подигнати приближно 300 кубни метри несовесно одложен отпад од јавните површини. И во оваа прилика апелирамe до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во поставените садови, затоа што само со правилно и совесно одлагање на отпадот можеме да ја заштитиме животната околина и јавното здравје“- изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
Во текот на првите шест месеци од годинава, ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани 7000 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.